Friday, February 7, 2014

HTC Desire 700

HTC Desire 700 e уште еден пример на делумно промашен смартфон на тајванската компанија која продолжува со преценување на своите уреди, штитејќи го познатиот бренд но, реално за поставента цена од околу 500 долари не нуди многу. Не дека HTC Desire 700 нема свои квалитети, но неизбежно е чуството на превисоко поставена цена. Сепак овој смартфон може да им се допадне на многумина пред се на големите фанови на HTC, кои со Desire 700 ќе добијат висок квалитет на изработка, солидна камера и многу подобар звук благодарение на софтверскиот додаток HTC BoomSound. Во продолжение прочитајте кои се предностите и слабостите на HTC Desire 700. Дизајн Како и сите смартфони на тајванскиот производител така и HTC Desire 700 може да се пофали со квалитетна изработка и употреба на цврсти материјали кои го прават многу подобар од сличните уреди во средната класа. Задната страна има блескав изглед, но маанат се бара во лизгавоста, како и големиот број на дамки од отпечатоци на прстите кои веднаш се забележуваат. Смартфонот е нешто подолг од вообичаените смартфони со големина од 5 инчи поради сместувањето на поголемите стерео звучници на долната страна, па така ќе имате мали предизвици да го сместите во вашиот џеп. HTC Desire 700 е необично „дебел“ за денешни услови со 10.1 милиметар и има димензии кои изнесуваа 145.5 x 72 мм во широчина и висина, со тежина од 149 грама, што го прави еден од потешките уреди. Дисплеј Од пофалбите што може да ги изречеме за дисплејот на HTC Desire 700 е единствено на адреса на големината од 5 инчи, но се друго е за жал малку под нивото на очекуван квалитет. Смартфонот има екран со необична резолуција од 540 x 960 што е доволно за само 220 ppi густина на сликата. Затоа деталноста и острината на сликата нема премногу да ве воодушеви, но може да се каже дека обезбедува колку толку пристојна видливост за читање на текстови, гледање на видеа и работа со апликации. Осветленоста на екранот е меѓу позитивните страни и затоа нема да имате поголеми проблеми со рефлексијата на сончевата светлина и видливоста на отворено.
Софтвер и интерфејс Софтверот на HTC Desire 700 не е од најновата генерација што е вистинско изненадува за смартфон кој беше лансиран во декември и нема никакво оправдување за HTC што не понудил понов софтверски пакет. HTC Desire 700 работи на веќе застарениот оперативен систем Android 4.1.2 Jelly Bean во комбинација со корисничкиот интерфејс HTC Sense 5.0, што остава сомнеж дека надградбите кај овој смартфон ќе одат многу тешко. Главна компонента на софтверот е организацијата на почетниот екран со менито BlinkFeed каде се содржани сите апликации и најчесто користени сервиси и истите постојано се освежуваат со нови информации. На некои им пречи овој стил на почетниот екран и не може да го исклучите, туку да го сместите на последното место во панелите.
Заклучок HTC Desire 700 е еден од оние смартфони кои на прв поглед изгледаат навистина одлично и квалитетно се дури не се задржите на одредена категорија подетално. Па ако сте задоволни од неговиот дизајн малку ќе ве разочара екранот и квалитетот на сликата кој не заслужува преголеми пофалби. Ако пак сте задоволни од софтверот и сите додатоци во интерфејсот, ќе ве разочара малата ограниченост на камерата. HTC Desire 700 не е лош смартфон, но во овој момент тајванската компанија нема голем простор за идеално компонирање на средната класа каде треба да се направат најголемите компромиси и да се намали цената како што тоа го направи Motorola со Moto X и Sony со Xperia C.

No comments:

Post a Comment